Во дел од туристичките општини во Црна Гора се воведуваат построги правила за однесување на јавни места, со кои се забранува движење низ градските улици во костими за капење или без соодветна облека.
Според информациите од ТРТ Балкан, локалните власти во приморските центри како Улцињ, предвидуваат казни кои можат да достигнат од 350 до 500 евра за туристи и граѓани кои се движат низ пешачките зони и старите градски јадра во несоодветна облека.
Овие мерки имаат за цел да воведат поголем ред во туристичките места и да го зачуваат изгледот и достоинството на јавниот простор, особено во историските делови на градовите кои се под посебна заштита и привлекуваат голем број посетители.
Од локалните власти појаснуваат дека правилата не важат за плажите и зоните во нивна непосредна близина, туку исклучиво за урбаните средини, каде се очекува почитување на основни норми на облекување.
Слични одлуки веќе подолго време се применуваат и во други туристички дестинации во регионот, особено во Хрватска, каде казните за вакво однесување се дел од напорите за подобрување на туристичката култура.
Воведувањето на овие мерки предизвика поделени реакции во јавноста – додека едни ги поддржуваат како чекор кон поголем ред, други сметаат дека станува збор за претерано строги казни кои можат да влијаат на имиџот на туристичките дестинации.
Деск
НОВИ ПРАВИЛА ВО ЦРНА ГОРА: АКО ШЕТАТЕ НИЗ ГРАД ВО КОСТИМ ЗА КАПЕЊЕ, МОЖЕ ДА ПЛАТИТЕ КАЗНА ДО 500 ЕВРА!
2 Mins Read
Previous ArticleАУДИОВИЗУЕЛЕН СПЕКТАКЛ: NUMB – TRIBUTE TO PINK FLOYD ВО ОХРИД

