Експремиерот Никола Груевски кој избега од државата во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило марка „мерцедес“, вредно околу 600.000 евра, според истражувачкиот портал „ВиСквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада, добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“.
За случајот со мерцедесот тој ја заработи првата затворска казна, а упатниот акт за во затвор беше причина тој итно да побегне од државата. Но, веќе четири години не се знае каде и во каква состојба се наоѓа возилото, кое освен што беше скапо платено, беше тешко и неговото одржување, со оглед на тоа што само еден пар гуми, кои се отпорни на куршуми, според тогаш објавените извештаи, изнесувал 20.000 евра.
Мерцедесот на Груевски, беше еден од најспорните симболи на неговото владеење, за кој тогашната Влада предводена од СДСМ најавуваше дека ќе го продаде, а со средствата од продажбата ќе купи болнички возила, но до денес нема јасна и официјално потврдена информација за неговата конечна судбина – дали е продаден, уништен или сè уште стои во државен магацин или гаража.
Возилото, кое беше набавено како високо-блиндиран државен автомобил за потребите на Владата, со години беше во фокусот на јавноста поради неговата висока цена и околностите под кои беше купено, и неретко се користеше како симбол за луксузот и заштитата на државниот врв во тој период.
Последен пат мерцедесот беше забележан во Кавадарци, во 2022 година, кога претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер дојде во градот, а посетата беше резултат на германските инвестиции во општината. Тогаш помеѓу граѓаните кои го забележаа доаѓањето на германскиот претседател имаше такви кои веднаш прокоментираа дека станува збор за ,,луксузното возило на Груевски”, а градоначалникот Митко Јанчев ни потврди дека се работи за истото возило. Оттогаш, во јавност не е евидентирано негово користење на било каков јавен настан, како за странски гости, така и за домашни политичари.
Според повеќе јавни информации објавувани низ годините, возилото не е во редовна употреба и е извадено од протоколарна служба, а според проценките, неговата вредност денес е значително помала од онаа во 2012 година, кога е купено.
Инаку, во октомври 2024 година на Груевски му застаре затворската казна за мерцедесот, а за истиот предмет Гордана Јанкулоска беше правосилно осудена на 4 години затвор, а Ѓоко Поповски на 4,6 години затвор. Тие ги одлежаа казните.
В.К.

