Синоќа, илјадници граѓани кои се враќаа од продолжениот викенд во Грција се соочија со долги чекања на граничниот премин Евзони, каде колоните достигнуваа и до три часа.
Метежот е последица на процесот поврзан со имплементацијата на новиот европски систем за гранична контрола – ЕЕС (Entry/Exit System), кој воведува електронска евиденција и биометриска идентификација на државјани од трети земји при влез и излез од Шенген зоната.
Иако системот директно се однесува на патници кои не се државјани на Европската Унија, во пракса застои се создадоа за сите категории патници. Во долгите колони беа заглавени и граѓани од ЕУ земјите, меѓу кои и од Грција, што дополнително ја зголеми нервозата и незадоволството на границата.
Патниците реагираат дека новите процедури не ги погодуваат само оние надвор од ЕУ, туку предизвикуваат гужви и за самите граѓани на Унијата, особено во период на засилени летни патувања, кога фреквенцијата на преминот е значително зголемена.
Сите засегнати, без разлика на државјанството, изразуваат незадоволство поради долгите чекања и бараат поефикасно организирање на граничните процедури за да се избегнат вакви колапси во екот на туристичката сезона.
В.К.

