Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека земјите од Западен Балкан имаат потенцијал да изградат заедничка енергетска понуда кон Европа, која би можела да достигне вредност од околу 26 милијарди евра годишно.
Тој посочи дека на меѓународен енергетски форум ќе зборува за тоа дека регионот треба да ја искористи зголемената глобална побарувачка за електрична енергија и да се позиционира како заеднички инвестициски простор за големи енергетски проекти.
Според Мицкоски, идниот развој на вештачката интелигенција и дата-центрите ќе доведе до значително зголемување на потрошувачката на струја, што отвора простор за нови инвестиции во производствени капацитети, преносна мрежа и енергетска инфраструктура во регионот.
Тој нагласи дека Западен Балкан, доколку настапи координирано, може да привлече големи меѓународни инвеститори и да се позиционира како енергетски центар во поширокиот европски контекст.
-Западен Балкан во моментов, а тоа се државите Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Македонија, можат во овој момент да понудат отприлика годишно производство од 260 TWh часови нови произволни капацитети во делот на обновливата енергија. 260 TWh часови, или ова ако го помножиме со некој да речеме стотина евра, по MWh, тоа значи дека ние на годишно ниво можеме како Западен Балкан да акумулираме бизнис којшто и е потребен на Европа, е само една петтина од потребите на Европа, вреден 26 милијарди евра годишно. Кога на тоа ќе се додадат средствата потребни да овие капацитети се изградат, кога на ова ќе се додадат инвестициите во дистрибутивната и преносната мрежа, слободно оваа бројка триплирајте ја.
Ајде да видиме што можеме ние заедно, како Западен Балкан, да испорачаме за Европа, за нашиот заеднички континент. Не да бидеме тие кои што континуирано бараме, молиме нешто. Така да видиме сите заедно да се обединиме, да не бидеме секогаш препознатливи по конфликти или буре на барут, како што често пати знаат да го наречат западниот Балкан, ајде да видиме што е тоа што ние можеме да го понудиме. Е ова е тоа што ние можеме на годишно ниво да го понудиме за Европа и потребите на Европа, и тоа е нешто кое што е процес неповратен. Дали ние ќе го препознаеме и дали ќе успееме ние да се вклучиме во тој процес, тоа зависи само од нас.
Дали ние како Западен Балкан ќе останеме да бидеме препознаени како регион кој што можеби понекогаш бара и милост, дали ќе заслужиме таа милост или не, тоа не зависи секогаш од нас, тоа е двонасочна улица, но ајде ние како Западен Балкан да ги понудиме овие можности и јас токму за ова ќе зборувам на овогодинешниот самит во Тиват, што ќе се одржува помеѓу 4 и 5 јуни, односно сега од четврток до петок, поточно работниот ден е во петок на 5 јуни и ќе зборувам за една нова иницијатива која што ние како Западен Балкан можеме да ја понудиме и можеме да ја сработиме, имаме знаење, имаме капацитет, добро сме поврзани и можеме ова да го понудиме, вели Мицкоски.
Иницијативата, како што посочи премиерот, би требало да ги обедини земјите од регионот околу заеднички проекти во енергетиката, со цел подобро искористување на ресурсите и поголема конкурентност на глобалниот пазар.
Идејата доаѓа во период кога, според неговите претходни изјави, растот на побарувачката за електрична енергија се гледа како една од клучните економски и развојни шанси за регионот во следната деценија.
Деск

