Во Берово е најавена изградба на нов голем мултифункционален комплекс „Green Gate Berovo“, кој ќе комбинира станбени, туристички и здравствено-социјални содржини. Проектот, вреден над 10 милиони евра, ќе се реализира на површина од околу 5.000 квадратни метри.
Според најавите, комплексот ќе вклучува станбени апартмани, туристички сместувачки капацитети и старечки дом со организирана здравствена нега. Посебен акцент е ставен на грижата за повозрасни лица, при што во рамки на домот е предвиден капацитет за околу 200 корисници.
За нивната нега ќе биде обезбеден медицински тим составен од околу 20 медицински сестри и 5 доктори, со 24-часовна здравствена грижа, рехабилитација и социјална поддршка.
Покрај сместувачките и здравствените содржини, комплексот ќе располага и со комерцијални објекти, меѓу кои аптеки, продавници за храна, текстил, бела техника и спортска опрема, како и игротека и кафе-бар.
Инвеститор на проектот е бизнисменот Горан Јордев од Штип, познат како косопственик на неколку компании во градежниот и услужниот сектор. Со оваа инвестиција, Берово се позиционира како потенцијална нова дестинација за комбиниран туризам, домување и социјална грижа.
Отворањето на комплексот е најавено за почетокот на 2027 година.
Деск
ШТИПСКИ БИЗНИСМЕН ВО БЕРОВО ЌЕ ГРАДИ ТУРИСТИЧКО-ЗДРАВСТВЕН ЦЕНТАР ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА!
1 Min Read

