Во Македонија во последниот период се забележува зголемена изградба и отворање на домови за стари лица, како одговор на сѐ поголемите демографски и социјални предизвици. Иако сместувањето во ваквите установи за многумина сѐ уште претставува последна опција, во пракса сѐ почесто станува единствено решение за семејствата кои не можат самостојно да обезбедат соодветна нега за своите повозрасни членови.
Причините за ваквиот тренд се повеќеслојни. Масовното иселување на младите во странство остава значителен број стари лица без секојдневна семејна поддршка, додека стареењето на населението и здравствените ограничувања носат зголемена потреба од постојана грижа. Во такви услови, многу семејства се соочуваат со ситуација во која домашната нега веќе не е изводлива.
-Има повозрасни пензионери, кои живеат сами бидејќи децата им се во странство, и кај нив сме најредовни. Нарушено здравје, мали пензии, не сакаат да им бидат на трошок на младите, па се снаоѓаат како знаат и умеат. Нема кој да им помогне да стигнат до болница, па постојано сме на терен, во домашни посети, и се трудиме барем малку да им го олесниме секојдневието. Жални се тие слики на кои сведочиме, за ВИКИМЕДИА раскажува лекар од внатрешноста.
Додава дека таквите слики, на постари лица кои живеат сами, а се соочени со низа на здравствени предизвици и ограничувања има се повеќе, но со пензии од околу 300 евра, за нив сместување во современ дом за нега на стари и изнемоштени лица, е недостижно нешто.
Кога се современите домови во прашање, голем предизвик останува финансиската достапност на овие услуги. Цените во домовите за стари лица значително варираат – основното сместување во некои установи започнува околу 500 евра месечно, додека за посовремени и подобро опремени домови трошоците достигнуваат и над 1.000 евра месечно.
Оваа состојба ја отвора клучната дилема: дали ваквите услуги се навистина достапни за просечниот пензионер во земјата. Со оглед на ниските пензии, поголемиот дел од старите лица не можат самостојно да ги покријат трошоците за сместување и нега, па често зависат од финансиска помош од семејството – доколку таа воопшто постои.
Во пракса, тоа значи дека домовите за стари лица, иако формално се последна опција, сѐ почесто стануваат единствено решение, но не и реално достапно за сите. Овој јаз меѓу потребите и можностите ја отвора потребата од поширока општествена дебата за системската поддршка и одржливоста на грижата за старите лица во државата.
В.К.
ЗАБРЗАНО СЕ ГРАДАТ ДОМОВИ ЗА СТАРИ ЛИЦА: ОД 500 ДО НАД 1.000 ЕВРА МЕСЕЧНО – ЛУКСУЗ ЗА ПРОСЕЧНИОТ ПЕНЗИОНЕР!
2 Mins Read
Previous Article2БОНА – ПРВИ УЧЕСНИЦИ НА С.О.С. ФЕСТИВАЛ 2026 – БИТОЛА

