Владата донесе одлука со која се ограничува пловидбата на скутери и чамци на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, како дел од мерките за зголемување на безбедноста на капачите и заштита на учесниците во водниот сообраќај.
Според одлуката, која стапува на сила во пресрет на летната туристичка сезона, движењето на скутери ќе биде ограничено во периодот од 1 јули до 31 август, секој ден од 11:00 до 19:00 часот. Целта е да се намалат ризиците од несреќи во најфреквентните часови кога има најголем број капачи на езерата.
Дополнително, воведени се и временски ограничувања за пловидба на чамци. Од денес, 3 јуни до 31 август, чамците нема да смеат да пловат во периодот од 21:00 до 05:00 часот. Во септември забраната ќе важи од 20:00 до 06:00 часот, додека во октомври ограничувањето ќе биде од 19:00 до 06:00 часот.
Од Министерството за транспорт информираат дека мерките се насочени кон заштита на човечките животи, намалување на ризикот од инциденти и обезбедување безбедно користење на езерските површини за сите корисници.
Надлежните служби најавуваат засилени контроли на терен, а за непочитување на одлуките се предвидени санкции согласно важечките законски прописи.
Вакви ограничувања се воведуваат речиси секоја година во летниот период, особено на Охридското Езеро, каде што туристичкиот промет и бројот на пловни објекти е најголем.
Деск
ЗАБРАНИ И ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ПЛОВИДБА НА ЕЗЕРАТА – ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ НА ТЕРЕН ВО ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА
2 Mins Read

