Беше мирен и скромен човек кој никогаш не се ожени и живееше сам. Неговиот крај беше тивок и осамен — почина сам во својот стан, но тој ја имаше дарбата да ја засмејува цела поранешна Југославија, речиси пет децении. Умееше да ги насмее војниците во касарните во поранешна Југославија, децата во градинките и училиштата, публиката во салите и пред малите екрани.

Војче Китаноски (1955-2023) беше првиот стендап комичар во земјава, дипломиран шумарски инженер, лиценциран туристички водич, но и неверојатен хуморист и имитатор. Голем број на познати музичари своевремено го ангажираа да ја забавува публиката за време на нивните концерти, а тој потоа на свој специфичен начин ги прераскажуваше анегдотите од концертите на Тома Здравковиќ, Мики Јевремовиќ и многу други.
Неговата ненадејна смрт на 68-годишна возраст беше шок за неговите блиски пријатели. Неговото тело го пронајде полицијата во неговиот стан, а негови пријатели раскажаа дека не знаеле дека има било каков здравствен проблем, бидејќи до последно настапувал во училиштата, а и до последно сведочеле на неговата голема скромност.
-Тој никогаш не се жалеше за ништо. Тоа што можеше да ги насмее луѓето, му беше доволно за и тој да биде среќен. Никогаш јавно не побара ништо, но заслужуваше некој вид на признание, национална пензија или некаква државна потврда дека ете, се ценело неговото дело и животот посветен на таа негова мисија – другите да ги расположува и засмејува.
Над 3.000 настапи имаше само низ училиштата во земјава, можеби и уште толку настапи во локали и концертни сали. Живееше тивко, без желба да се наметнува, секогаш со почит кон другите и со едноставност што ретко се среќава. За него, најголемата награда беше искрената смеа на луѓето, а не признанијата или материјалните придобивки. Таков беше — голем на сцената, но скромен во животот, ни раскажаа негови пријатели, естрадни уметници со кои доста се дружеше во текот на животот.
В.К.

