-Кога ја изградив куќата во Дојран имав 51 години, и сите мислеа дека ќе ја продадам. Но, наместо тоа, ги зедов со мене мајка ми и свекрва ми, и дојдовме заедно да живееме овде. Додека ја градевме пак, јас бев во полна форма, а тешко се наоѓаа плочки, цемент… Плочките ги донесов од Грција, цементот од Бугарија, железото од Србија. Влечев и работев заедно со мајсторите во тек на ден, ноќе настапував. Додека се градеше, со мајка ми и свекрва ми спиевме во бунгалов покрај езерото, а со нас беа и моите четири пудлици. Можеби баш поради тоа, што учествував во процесот на изградбата, оваа куќа толку многу ми значи, раскажуваше мултиталентираната уметница Добрила Чабриќ (98).

Таа е вистински промотор на Дојран и езерото ширум регионот, и по во повеќе наврати во интервјуа спомнува дека куќата на ридот над езерото е нејзина оаза на мирот.
-Заедно со Лари Нанос одевме во Солун, бидејќи имавме ангажмани во Грција. Тој на граница забележа дека си го заборавил пасошот и се врати назад да го земе, а јас заминав да го чекам кај роднини во Гевгелија. Кога стигнав, тие беа на тргање кон Дојран и ме повикаа со нив. Дојдов во нивната викендичка, излегов на балконот, го гледам езерото, планината, го вдишувам воздухот… Па јас цел свет го обиколив, таков воздух не најдов. Ги прашав има ли некаде да купам плац во близина, ми кажаа дека има зад нивната викендичка, и веднаш сето тоа го регулирав, и ја купив земјата, се сеќаваше Добрила.
Таа е позната по својот позитивен дух кој не ја напушта и во десеттата деценија од животот. Неретко посочува дека тајната во долговечноста е начинот на кој се прифаќа животот, но и тоа што постојано се трудела да биде зафатена и да има со што да се занимава.
Деск

