Лидерот на СДСМ Венко Филипче во Скопје ја промовираше „Скопската иницијатива“, нова регионална платформа што, како што истакна, има цел да ги обедини прогресивните политички сили од Западен Балкан во заедничка агенда за европска интеграција, борба против корупцијата и спротивставување на авторитарните тенденции.
Филипче порача дека иницијативата претставува обид за посилна политичка координација меѓу „сестринските партии“ од регионот, нагласувајќи дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици и затоа, како што рече, „заедно се посилни“.
Тој упати благодарност до генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти Џакомо Филибек и до Даша Шиловиќ, истакнувајќи дека нивното учество е потврда за поддршката на пошироката европска социјалдемократска мрежа.
Од средбата треба да произлезе и заедничка декларација, која ќе биде потпишана на следниот собир кон крајот на годината.
Во говорот, Филипче се осврна и на процесот на европска интеграција, оценувајќи дека последниот самит за Западен Балкан на ЕУ во Тиват испратил порака дека регионот припаѓа во Европа и дека се отвораат нови механизми за забрзување на преговорите и носење придобивки уште пред полноправното членство.
Тој потсети и на претходните блокади во евроинтеграциите, вклучително и француското вето, но порача дека сега постои нов прозорец на можности кој не треба да се пропушти.
-Сметам дека оваа можност треба да ја искористиме додека вратата е отворена во оваа форма. Да не ја пропуштиме шансата, затоа што станува збор за иднината на државата, за благосостојбата и квалитетот на живот на граѓаните кои со децении го чекаат овој момент, истакна Филипче, додавајќи дека корупцијата и слабите институции остануваат главна пречка за напредок и дека токму преку регионална соработка може да се надминат овие проблеми.
„Скопската иницијатива“, според најавите, ќе продолжи со редовни средби и заеднички активности меѓу прогресивните партии од регионот и Европската унија.
Деск
СЕ РАБОТИ ЗА БЛАГОСОСТОЈБАТА И КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТ НА ГРАЃАНИТЕ, ДА НЕ ЈА ПРОПУШТИМЕ ШАНСАТА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ
2 Mins Read
Previous ArticleЕЛТОН ЏОН ГО ПРОДАВА СВОЈОТ РЕДОК АВТОМОБИЛ АСТОН МАРТИН

