Додека земјоделците ширум регионот се соочуваат со предизвици на пазарот, една необична приказна од Босна и Херцеговина привлекува големо внимание. Во општината Усора се одгледува сортата пиперка Aji Charapita, која често се споменува како еден од најскапите земјоделски производи во светот.
Станува збор за мала, жолто-портокалова лута пиперка со потекло од перуанската Амазонија. Поради специфичната арома и интензивниот вкус, таа е високо ценета во врвната гастрономија и се користи во мали количини како зачин во ексклузивни ресторани.
Според податоците што често се наведуваат во специјализирани земјоделски и гастрономски кругови, цената на еден килограм сушена Aji Charapita на одредени пазари може да достигне и до 20.000 американски долари. Сепак, експертите предупредуваат дека ваквите суми се однесуваат на многу ограничени количини и специјализирана продажба, а не на редовна трговија со свеж производ.
Венса Бошњак е помеѓу локалните производители на пипреката, и за Вечерњи лист истакнува дека одгледувањето на оваа сорта бара многу внимание, трпение и специфични услови. Иако интересот за пиперката расте, пласманот на производот и понатаму претставува предизвик, бидејќи станува збор за нишов производ наменет за тесен круг купувачи.
-Кај нас за жал, нема пласман по таа цена. Ја откупуваат најчесто елитни рестоарни и ја користат како декорација на храната, раскажува Бошњак.
Приказната за Aji Charapita покажува дека и на Балканот може успешно да се одгледуваат егзотични култури со висока додадена вредност. Но, и покрај спектакуларните наслови за цената од 20.000 долари за килограм, реалноста е дека ваквите износи се постигнуваат исклучително ретко и во специфични услови на пазарот.
Сепак, интересот за оваа необична пиперка продолжува да расте, а Усора станува препознатлива како едно од местата каде што се одгледува овој редок и ценет производ.
Деск

