Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) објави повик за ангажирање на поранешни припадници на полицијата, армијата и противпожарните единици за учество во гаснење пожари на отворен простор и шумски пожари во текот на летниот период.
Според повикот, потребни се возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарни пумпи вградени во возилата, како и оператори кои ќе работат со противпожарни водни ранци и метли. Ангажираните лица ќе бидат дел од тимовите што ќе интервенираат при зголемен ризик и појава на пожари низ државата.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека на располагање ќе бидат ставени 22 специјални возила „Пинцгауер“, пет „Хермелини“ и 15 БТР возила кои се пренаменети за противпожарни активности.
Кандидатите треба да имаат најмалку пет години искуство во полицијата, армијата или противпожарните служби, без разлика дали се пензионирани или претходно ја напуштиле службата. Дополнително, потребно е да бидат во добра здравствена и психофизичка состојба.
За ангажманот е предвиден нето надоместок од 44.000 денари месечно, односно вкупно 132.000 денари за три месеци, што изнесува околу 2.150 евра. Од ДЗС нагласуваат дека пензионерите ќе можат да ја задржат својата пензија и паралелно да го добиваат надоместокот за ангажманот.
Работното време ќе биде организирано согласно потребите на теренот и интензитетот на пожарите, а користењето на слободни денови ќе се усогласува со оперативните потреби и со договор со ангажираните лица.
Пред започнување на работата, избраните кандидати ќе поминат здравствени прегледи, проверка на психофизичката подготвеност и кратка противпожарна обука. ДЗС ќе обезбеди и соодветна униформа и неопходна заштитна опрема.
Од Дирекцијата очекуваат со оваа мерка дополнително да се зајакнат капацитетите за справување со шумските пожари во пресрет на летната сезона, кога традиционално се бележи зголемен број интервенции на отворен простор.
Деск
Previous ArticleСО МОСТОВИ ВИСОКИ 61 МЕТАР СЕ ГРАДИ ВРСКАТА МЕЃУ СКОПЈЕ И СОФИЈА

