Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце–Крива Паланка, се одвива со засилена динамика и претставува еден од најголемите и најкомплексни инфраструктурни зафати во државата, беше истакнато при денешниот увид на градежните работи на трасата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со директорот на ЈП МЖ Инфраструктура и претставници на изведувачот „Ѓулермак“, извршија теренска посета на проектот, кој е дел од стратешкиот Коридор 8, што треба да ја поврзе земјата со Бугарија и понатаму со Црното Море.
Николоски истакна дека станува збор за инженерски исклучително предизвикувачки проект, кој опфаќа изградба на три нови железнички станици во Кратово, Романовце и Гиновце, како и 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници и три подвозници. Поради сложеноста на теренот, предвидено е возовите да сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час.
Тој нагласи дека дел од мостовските конструкции претставуваат значајно инженерско достигнување, со столбови кои достигнуваат висина до 61 метар, што е повеќе од двојно повисоко од просечна осумкатна станбена зграда.
Во рамки на проектот ќе бидат вградени десетици илјади тони арматура и околу 125.000 кубни метри бетон. Според информациите, досегашниот напредок изнесува околу 31 отсто кај конструктивните работи, односно 36 отсто вкупна реализација.
Вицепремиерот најави дека се очекува пругата да биде ставена во функција до октомври 2028 година, при што по завршувањето на оваа делница ќе следува и изградба на третата фаза, со цел целосно железничко поврзување на Скопје со Софија.
Проектот се реализира со поддршка на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Европската унија, кои учествуваат во неговото финансирање.
Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека во наредниот период се очекува засилување на градежната динамика и дека институцијата останува посветена на реализација на капиталните инфраструктурни проекти.
Деск

