Експресниот пат Градско – Прилеп, кој важи за една од најризичните сообраќајници во земјава, повторно беше сцена на трагична несреќа. Во несреќата што се случи вчера, две лица го загубија животот, а едно лице се здоби со тешки телесни повреди. На оваа делница, само во првите два месеца по нејзиното пуштање во употреба минатата година, во неколку одделни сообраќајни несреќи загинаа пет лица.
Локалното население и возачите со години предупредуваат дека патот е небезбеден и бараат итни мерки за зголемување на сообраќајната безбедност, вклучително поставување дополнителна сигнализација и заштитни огради.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, и минатата година изјави дека се подготвува ново сообраќајно решение, нагласувајќи дека постапката зависи од институционални одобрувања.
„Новото сообраќајно решение е направено, потребно е да се одобри од Министерството за транспорт и врски и веднаш ќе почне да се реализира. Станува збор за наследен проект од минатото раководство кој бил одобрен од сите институции. Спротивно на тоа не може да се работи, бидејќи кривично ќе се одговара. Сега за да се зголеми безбедноста можеме само да поставиме повеќе сообраќајни знаци“, изјави Трајановски лани.
По вчерашната трагедија повторно се отвора прашањето за ефикасноста на планираните мерки и реалната состојба на безбедноста на експресниот пат.
Сепак, дел од јавноста смета дека само дополнителна сигнализација нема да биде доволна за решавање на безбедносните проблеми на делницата, имајќи ја предвид црната статистика и бројот на жртви во сообраќајните несреќи.
И покрај бројните апели и реакции, конкретни решенија сè уште нема. Последната трагедија уште еднаш ги отвори дилемите за безбедноста на оваа делница и потребата од итна реакција на надлежните институции, со цел да се спречат нови човечки загуби.
Секој нов инцидент ја засилува дебатата во јавноста за тоа дали најавените решенија ќе бидат доволни за да се спречат нови трагедии на оваа сообраќајница.
Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус 1 километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат. Вредноста на проектот е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра беа обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот. Беше свечено пуштен во употреба лани во јануари.
В.К.

