Собранието едногласно го усвои Законот за основање на Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО).
Со донесувањето на законот, досегашната Висока медицинска школа во Битола прераснува во Факултет за медицински науки и здравство, со што УКЛО добива нова факултетска единица и се отвораат нови можности за развој на медицинското и здравственото образование во државата.
Од Универзитетот оценуваат дека станува збор за историски исчекор во унапредувањето на високото образование и важен чекор за развојот на сестринската и акушерската професија во земјата. Со новиот факултет, медицинските сестри и акушерките ќе добијат можност за целосен академски и научен развој во рамките на своите професионални области.
Според најавите, на новоформираниот факултет ќе се реализираат четиригодишни академски студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар. Покрај тоа, ќе бидат организирани и тригодишни стручни студиски програми за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер.
Запишувањето на првата генерација студенти на академските студии е предвидено за академската 2027/2028 година.
Од УКЛО упатија благодарност до министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и до пратениците во Собранието кои едногласно го поддржаа законското решение.
Универзитетот посочува дека успехот е резултат на долгогодишна работа и подготовка на проектот за основање на факултетот, во која биле вклучени раководството на УКЛО, Ректорскиот колегиум и работната група предводена од проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска.
Традицијата на високо образование за медицински сестри во Битола започна во 1988 година. Речиси четири децении подоцна, оваа образовна дејност прераснува во факултет кој ќе има задача да создава нови генерации здравствени професионалци, истражувачи и академски кадар, со цел унапредување на здравствениот систем и општеството во целина.
Деск
Previous ArticleЈОСИПА И КАРЛО, ДНЕВНИК НА ЕДНА БЕЗВРЕМЕНСКА ЉУБОВ

