Го изведе најпознатиот скок во југословенски филм, а вистината за него се дозна долги години по неговата смрт… Речиси четири децении по премиерата на култниот филм „Хајде да се волимо“, една од највпечатливите сцени и понатаму буди носталгија кај публиката. Станува збор за драматичниот скок од Стариот мост во Мостар, кога ликот на Лепа Брена бега од киднаперите и се фрла во студените води на Неретва.
Со години многумина веруваа дека токму Брена храбро го извела опасниот скок. Но вистината е сосема поинаква.
Зад легендарната сцена стоел Јадранко Финк (1952-1993), еден од најпознатите мостарски скокачи и вистинска легенда на Стариот мост. Токму тој бил дублер на пејачката и го извел скокот што остана запаметен како една од најиконските сцени во југословенската кинематографија.
Неодамна, Лепа Брена ги врати спомените од снимањето објавувајќи фотографија со својот некогашен дублер. „Мојот славен дублер, скокот од мостот“, напиша таа, предизвикувајќи лавина од реакции кај обожавателите.
Интересно е што во филмот учествувал и братот на Јадранко, Горан Финк, кој бил дублер на еден од киднаперите. Според неговото сведоштво, Јадранко за опасниот скок добил хонорар вреден колку пет тогашни плати – сума што во тоа време претставувала вистинско богатство.
Но приказната има и тажен епилог. Само шест години по снимањето на филмот, Јадранко Финк трагично го загубил животот во војната во Мостар во 1993 година, погоден од снајперски куршум.
Денес неговото име е врежано на скалите што водат од Стариот мост кон Неретва – траен спомен на човекот кој остана запаметен како вистинскиот херој зад една од најлегендарните филмски сцени на Балканот.
Оваа година приказната повторно оживува, бидејќи Лепа Брена по пауза од 17 години повторно ќе настапи во Мостар. За многумина, тоа е совршен повод да се потсетат на филмот што одбележа една епоха и на скокот за кој сè уште се зборува.

