-И ден-денес не ми е јасно зошто го напишав текстот за ,,Полско цвеќе” на Тоше. На млад дечко од 25 години да му напишеш песна за смрт ми е необјасниво. Тој бараше песната да звучи драмски, да звучи епски, да звучи длабоко. Кога дојде кај мене, тој ми рече: ,,Имам прва мелодија, сакам ти да ми го напишеш првиот текст. Дај една емоција која ќе биде безвременска”.
Прво на кое ми текна во тој момент беше млад човек којшто треба да живее уште долго, но би умрел за љубов. И тогаш повторно се навратив на мојот пристап на пишување – слушајќи го Тоше што сака, го напишав текстот за ,,Полско цвеќе”. Познавајќи го Тоше, мене ми е болно кога читам коментари на интернет дека тој ја претчувствувал својата смрт. Тој не претчувствуваше ништо, кој на 25 години претчувствува такво нешто- раскажа легендарниот музичар Владо Јаневски пред четири години во емисијата ,,Еден на еден”.
И Тоше Проески за песната ,,Полско цвеќе” во минатото раскажуваше дека иако е потажна од другите и текстот содржи силни емоции, сепак во неа најмногу се пронаоѓал. За Јаневски раскажуваше дека е човекот кој му ги напишал најубавите стихови. Песната беше објавена на албумот ,,По тебе” во 2005 година, односно на неговиот петти студиски албум, издаден на македонски и српски јазик. Тоше почина две години по издавањето на албумот, на 26-годишна возраст.
Популарниот музичар и кантавтор Владо Јаневски, кој по кратко боледување почина завчера на 65-годишна возраст, ќе биде погребан на први јули во Скопје. Денес пак, во 20 часот на платото пред арената „Борис Трајковски“ ќе се одржи собир на кој граѓаните ќе имаат можност за последен пат да му оддадат почит. На собирот, почитувачите на неговото дело ќе се потсетат на неговите безвременски песни.

