На 2 јули, со почеток во 19 часот, во Културниот центар „Култ“ во Охрид ќе биде отворена дванаесеттата самостојна изложба на македонската уметница Кристина Зимбакова, насловена „Стебла без срцевина“. Поставката ќе може да се посети до 15 јули.
Изложбата опфаќа 13 дела во голем и мал формат, изработени во комбинирана техника на платно и на рачно изработена хартија од габи. Делата се создадени во последните неколку години и претставуваат продолжение на препознатливиот авторски израз на Зимбакова, во кој се преплетуваат сликарството, природните науки и поезијата.
Во текстот што ја придружува изложбата, американската независна кураторка и истражувачка Кетлин Конорс оценува дека Зимбакова во своето творештво успешно ја гради врската меѓу зборот и ликовниот израз, создавајќи дела исполнети со психолошка длабочина и силна симболика. Според Конорс, во најновиот циклус човечките фигури се спојуваат со природата, додека габите – еден од клучните мотиви во нејзината уметност – стануваат метафора за улогата на уметноста во обликувањето на човечката отпорност и внатрешен свет.
Кристина Зимбакова (1975) создава симболични и фигуративни дела во комбинирана техника, најчесто на рачно изработена хартија од габи. Нејзиниот интердисциплинарен пристап ги обединува уметноста, микологијата и поезијата. Таа самата изработува хартија и пулпа од габи, користи лишаи како цртачки медиум, создава мозаици и применува вез на текстил. Материјалите ги обезбедува од суви научни збирки и од сопствени теренски истражувања, реализирани во соработка со биолози.
Нејзината уметност неодамна беше предмет на магистерска теза одбранета на Универзитетот во Лозана, Швајцарија, под наслов „Ткаење врски преку мицелиум и плетеници: екофеминистички одрази во поезијата на Силвија Плат и ликовната уметност на Кристина Зимбакова“. Во 2025 година ја доби Годишната награда на Општина Струмица за особен придонес во уметноста, а е добитничка и на стипендии од УНДП и од Меѓународниот институт за бои од габи од Соединетите Американски Држави.
Во изминатите години Зимбакова реализираше самостојни изложби во Македонија, Ирска, Грција и Бугарија, а нејзини дела биле претставени и на бројни групни изложби и биеналиња низ Европа, Северна Америка, Азија и Африка.
Изложбата „Стебла без срцевина“ ќе биде отворена за посетителите во Културниот центар „Култ“ во Охрид од 2 до 15 јули.
Previous ArticleНИКОЛОСКИ: СЛЕДИ НАЈОБЕМНА МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СИСТЕМ!

