Педесет и шестгодишен жител на Кавадарци го загуби животот во тешка несреќа што се случила во близина на селото Мрежичко, откако товарно возило се превртело и паднало во провалија.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила на 30 јуни околу 13 часот, при истовар на земја од товарно возило „Ман“ со кавадаречки регистарски ознаки. Возилото, управувано од И.К. (56) од Кавадарци, од засега неутврдени причини се превртело и завршило во провалија.
Возачот се здобил со тешки повреди и починал на местото на несреќата. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош од Кавадарци.
Во сложената акција за извлекување на телото и возилото учествувале алпинистички тим од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, припадници на Територијалната противпожарна единица Кавадарци и полициски службеници од ОВР Кавадарци.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кавадарци, а причините за несреќата се предмет на истрага.

