Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека СДСМ и Левица со поднесување на околу 13.000 амандмани ја блокираат реформата за воведување електронско гласање за дијаспората и измени на Изборниот законик.
Според Мицкоски, со ваквиот пристап се оневозможува напредокот на изборните реформи кои, како што рече, биле во голема мера усогласени во рамки на парламентарниот процес.
„Сѐ беше готово, сѐ беше усогласено кога станува збор за Изборниот законик, но во последен момент Левица одби да го поддржи процесот“, изјави премиерот, додавајќи дека Владата прифатила значаен дел од предлозите на опозициските партии во текот на преговорите.
Тој нагласи дека клучен приоритет на Владата е овозможување на дијаспората да гласа и по електронски пат, оценувајќи дека сегашниот модел е скап и логистички тежок за имплементација.
„Нашата цел е дијаспората да остане поврзана со татковината и да има реална можност да учествува во изборните процеси“, рече Мицкоски.
Премиерот упати критики кон СДСМ, обвинувајќи ја поранешната власт дека придонела за иселување на граѓаните, а сега, според него, дополнително го ограничува нивното политичко учество.
Мицкоски апелираше до опозицијата да ги остави, како што рече, политичките интереси настрана и да ги поддржи реформите во Изборниот законик.
МИЦКОСКИ: ЦЕЛ НИ Е ДИЈАСПОРАТА ДА ОСТАНЕ ПОВРЗАНА СО ТАТКОВИНАТА И ДА УЧЕСТВУВА ВО ИЗБОРИТЕ!
1 Min Read

