Македонски КИЦ во Загреб со изложбата „Поздрав од Македонија“ го одбележа 60-годишниот јубилеј од Меѓународна смотра на фолклорот Загреб, една од најзначајните меѓународни фолклорни манифестации во регионот.
Изложбата е реализирана во соработка со организаторите на Смотрата и претставува селекција на архивски фотографии на македонски фолклорни ансамбли кои низ децении настапувале на оваа сцена. Преку визуелен приказ на настапите и традиционалната носија, проектот ја нагласува континуираната присутност и препознатливоста на македонскиот фолклор во меѓународен контекст.
Авторки на изложбата се Ивона Опетческа Татарчевска и Бојана Пољаковиќ Поповиќ, кои преку истражување на дигиталната архива на Смотрата го документираат богатството и разновидноста на македонското народно творештво.
На свеченото отворање присуствуваа претставници на институции, дипломатскиот кор, културни работници, како и припадници на македонската заедница во Хрватска. Во уметничкиот дел настапи етновокалната група „Езерки“ од Загреб.
Пред присутните се обратија директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, уметничкиот директор на Смотрата Твртко Зебец, како и авторките на изложбата.
Изложбата ја отвори амбасадорот на Македонија во Хрватска Драган Ѓурчевски, кој во своето обраќање ја истакна важноста на културната дипломатија и континуираното претставување на автентичниот македонски фолклор. Тој нагласи дека Македонскиот КИЦ во Загреб претставува значаен мост за културна соработка и поврзување меѓу двете земји.

