-Во понеделник започнувам со хемотерапија. Ми открија карцином на дојка. Мислев да ја откажам ревијата, но тоа е нешто кое ме прави среќна, ќе соберам сила и ќе застанам зад организацијата. Ете, требало и овој пат да го минам, но не се откажувам – беа нејзините зборови кои буквално ме пресекоа лани во ноември, само три недели пред одржувањето на значајниот настан, модната ревија, прва од таков карактер во земјава, која одекнува гласно со години наназад и ја праќа пораката за прифаќање на различностите.
Јас не се ни сеќавам точно кога и како ја запознав Анче, но знам дека во сите изминати години откако ја познавам, таа е симбол на хуманоста, истрајноста и љубовта. И знам дека со нејзината смиреност и истрајност кај мене секогаш предизвикувала восхит.

Жена која никогаш не праша колку ќе чини да се помогне некому, туку само како да го направи животот поубав за децата и лицата со Даунов синдром. Денес, Анче Туфекчиева од Струмица ја води најтешката битка во својот живот – битката со карцином.
Анче е мајка на 17-годишната Верче, девојче со Даунов синдром, која беше нејзината најголема инспирација да го основа здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“. Од личната животна приказна создаде мисија која ги промени животите на многу семејства, покажувајќи дека љубовта, прифаќањето и поддршката можат да рушат предрасуди.
Речиси две децении Анче е гласот на оние што честопати остануваат незабележани. Таа е иницијатор и организатор на модната ревија „Убави сме, свои сме“, настан што веќе девет години се одржува во Струмица и прерасна во национална традиционална манифестација. На таа модна писта лицата со попреченост чекорат рамо до рамо со јавни личности, испраќајќи силна порака дека сите заслужуваат еднакви можности, почит и место во општеството.
Но зад насмевката со која ги пречекуваше сите, минатата година се водеше една сосема поинаква битка.
Само три недели пред деветтото издание на „Убави сме, свои сме“, во ноември минатата година, Анче ја прими својата прва хемотерапија. Наместо да се повлече и да се предаде на болеста, таа го направи она што го правеше целиот свој живот – продолжи да мисли на другите. Без да зборува за својата болка, без да се жали и без да бара сожалување, ги организираше последните подготовки за манифестацијата. Со насмевка ги бодреше учесниците, се грижеше секој детал да биде совршен и уште еднаш покажа што значи храброст.
Малкумина знаеја дека жената која ги прегрнува децата зад сцената, која ги охрабрува родителите и ги испраќа пораките за инклузија, истовремено ја започнува најтешката борба за сопствениот живот.
Се сеќавам и на првата модна ревија, кога дојдов медиумски да го проследам настанот. Зад сцената, Анче и неколку мајки на деца кои беа дел од ревијата, сите насмеани, љубезни. Во просторијата немаше тага, немаше поплаки, немаше чувство дека пред вас седат жени кои секој ден водат битки што повеќето никогаш нема да ги разберат. Како животот да не им поставува безброј пречки. Како да немаат грижи. Дури подоцна сфаќате дека токму тие насмевки се нивната најголема храброст – начин достоинствено да продолжат понатаму, иако секој ден носи нови предизвици.
Денес, жената која беше потпора на толку многу родители, семејства и деца, има потреба некој да биде нејзина потпора.
Пред неа е долг и тежок процес на лекување, проследен со високи финансиски трошоци што семејството тешко може само да ги поднесе.
Жената која 17 години несебично се бореше за достоинството и правата на лицата со Даунов синдром, денес бара помош за да ја добие својата најважна животна битка.
Ова не е само повик за финансиска поддршка. Ова е можност општеството да ѝ возврати на жената која никогаш не се штедеше себеси кога требаше да им помогне на другите.
Анче низ годините им беше надеж на многумина. Денес таа има потреба од надеж што ќе ѝ ја дадеме сите ние.
Затоа што понекогаш најсилните луѓе се оние што најтивко страдаат. А Анче својата болка ја претвори во сила за другите. Сега е време таа сила да ѝ се врати.
Сите кои се во можност да помогнат, можат да донираат за Анче Туфекчиева, 300 037114378074 Комерцијална банка, со назнака – Донација.
Вики Клинчарова

