Во полициска акција што се случила во вторникот вечерта на булеварот „Туристичка“ во Охрид, едно лице е лишено од слобода, а друго починало откако, според информациите на полицијата, проголтало опаковка со наркотична материја.
Настанот се случил на 8 јули 2026 година околу 22:30 часот, кога полициска патрола се обидела да запре патнички автомобил „Ренџ Ровер“ со чешки регистарски ознаки. Возачот, 32-годишниот И.М. од Охрид, не застанал на дадениот знак, туку се обидел да избега. По дополнително преземени полициски активности, возилото било запрено, а И.М. бил лишен од слобода.
При интервенцијата, полициските службеници во возилото го забележале и 44-годишниот С.П. од Охрид, кој, според полициското соопштение, веднаш проголтал опаковка со наркотична материја. Набргу потоа неговата здравствена состојба се влошила, по што била повикана Итната медицинска помош.
С.П. бил пренесен во Општата болница во Охрид, каде што, и покрај преземените медицински мерки, починал.
По наредба на јавен обвинител, за денеска е закажана обдукција, која ќе биде извршена во Општата болница во Битола. Од Обвинителството и Министерството за внатрешни работи информираат дека, по насоки на јавниот обвинител, се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на околностите на настанот.
Причината за смртта ќе биде утврдена по завршувањето на обдукцијата и истрагата.
Previous ArticleПОЧИНА БОНИ ТАЈЛЕР, ЛЕГЕНДАТА СО НЕПОВТОРЛИВИОТ ГЛАС

