Со необична и напната атмосфера започна судскиот процес против 25-годишниот Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на повозрасни жени во кумановскиот регион. Рочиштето во Основниот кривичен суд во Куманово беше прекинато уште на самиот почеток, откако обвинетиот одбиваше да одговара на прашањата на судијата.
Според информациите објавени од „Слободен печат“, Бојковски со фиксиран поглед кон таванот и без комуникација со судот не одговорил ниту на основното прашање дали се вика Трајко Бојковски. Поради неговото однесување, судијата определил кратка пауза за да се утврди дали постојат услови постапката да продолжи.
Во судницата присуствувале и членови на семејствата на жртвите, кои во еден момент реагирале дека обвинетиот се преправа. По паузата, Бојковски ја спуштил главата, ги ставил рацете на слепоочниците, но повторно не дал никаков одговор.
Обвинителството во Куманово го товари Бојковски дека во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година извршил четири убиства и два обида за убиство во селата Клечовце, Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек.
Според обвинението, психијатриските вештачења укажале дека делата биле извршени од ниски побуди, со наводна намера поврзана со задоволување на полови страсти кон телата на жртвите по нивната смрт.
За делата што му се ставаат на товар, обвинетиот се соочува со можност за казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Фото: Скриншат

