Основниот кривичен суд Скопје ја прогласи за виновна поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, и ѝ изрече условна затворска казна од една година, со рок на проверка од три години.
Според пресудата, Димитровска е виновна за кривичните дела оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Судот најпрво утврди поединечни казни – осум месеци затвор за делото оддавање службена тајна и шест месеци затвор за компјутерски фалсификат, по што ѝ изрече единствена условна казна затвор во траење од една година. Тоа значи дека казната нема да се изврши доколку во наредните три години не стори ново кривично дело.
Според обвинението, во текот на 2024 година Димитровска преку апликациите Viber и WhatsApp му доставувала службени информации и податоци за предмети што ги водела ДКСК на Небојша Стојановиќ, кој е обвинет во предметот „Адитив“. Дополнително, судот утврди дека овозможила друго лице, Миле Столевски, да го полага тестот за добивање безбедносен сертификат користејќи ги нејзините кориснички податоци.
Во истиот предмет беше осуден и Миле Столевски, ревизор, кој доби условна казна затвор од шест месеци со рок на проверка од две години.
Третообвинетата Билјана Петровска-Мантева беше ослободена од обвинението, откако судот оцени дека нема доволно докази за нејзина кривична одговорност.
Пресудата не е правосилна, а странките имаат право да поднесат жалба пред Апелацискиот суд.
СЛУЧАЈОТ ЗА ОДДАВАЊЕ СЛУЖБЕНИ ТАЈНИ ОД ДКСК: ДВЕ УСЛОВНИ КАЗНИ И ЕДНА ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА
2 Mins Read
Next Article ФИЛИПЧЕ: НИКОЈ НЕ МУ СЕ ПЛАШИ НА ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ!

