-Наталија имаше желба куќата да и биде розова, а јас ќе и ја исполнам желбата. Наскоро нејзиниот нов дом ќе биде комплетно готов, вели познатиот хуманитарец Марко Николиќ (37) од Врање, кој во изминатите две години изгради домови за десетици семејства во Србија. Помеѓу нив е и Наталија, која животот не ја штедел уште од денот кога се родила.

-Наталија е дете кое не ја избрало само својата судбина. Татко и се откажал од неа, а таа живее во крајно тешки услови заедно со нејзината мајка, со баба и и дедо и. Има денови кога ова семејство нема што да јаде, и ние не смееме да ја вртиме главата од ова мало девојче кое расте во борба за преживување, а сепак има насмевка на лицето, објави Николиќ пред неполни три месеци, на страницата на неговата фондација ,,Заедно можеме”. За помалку од 70 дена, благодарение на неговата пожртвуваност и труд, се собрале доволно средства и денес новиот дом на малата Наталија е речиси готов, а фасадата според нејзината желба е во розова боја.
Николиќ, кој е екстремен спортист кој ги документира своите подвизи со цел да собере што е можно повеќе донации, како и магистер по економија, освен што успеа да им обезбеди кров над глава на повеќе семејства, досега преку неговата фондација има собрано и стотици илјади евра за лекување на деца од Србија. За својата хуманост има добиено повеќе државни признанија, а неодамна раскажа за тешкото детство во сиромаштија кое го обликувало неговиот животен пат. Порача дека наместо да се предаде, се посветил на учењето, и решил да им биде поддршка на децата кои имаат слична судбина како неговата, давајќи им надеж дека можат да израснат во силни луѓе.

