На 66-годишна возраст почина Нури Бајрами, поранешен заменик-претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), долгогодишен новинар, главен уредник на ТВ2 и правник по професија.
Покрај професионалната кариера, Бајрами во јавноста ќе остане запаметен како еден од ретките функционери кој и за време на мандатот во Антикорупциската комисија не се откажа од својата скромност и принципи. Наместо службени привилегии, тој секојдневно патуваше со автобус од родниот Гостивар до Скопје за да стигне на работа, а беше познат и по тоа што речиси никогаш не отсуствуваше од работното место.
Неговите колеги често го опишуваа како чесен, достоинствен и посветен човек, кој функцијата ја сфаќаше како јавна одговорност, а не како привилегија. Токму затоа, за многумина тој претставуваше пример дека и во јавната администрација е можно професионалноста и личниот интегритет да бидат над личниот комфор.
Бајрами беше член на ДКСК од 2019 до февруари 2024 година. Пред тоа речиси една деценија работеше како новинар и главен уредник во ТВ2, а во текот на кариерата извршуваше повеќе одговорни функции во Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за правда и Општина Гостивар.
Веста за неговата смрт ја потврди неговиот син. Семејството соопшти дека погребот ќе се одржи денес, по попладневната молитва.
Со неговото заминување, Македонија загуби човек кој многумина го паметат не само по функциите што ги извршуваше, туку и по скромноста, чесноста и личниот пример што го оставаше зад себе.

