По повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оддаде почит на жртвите од трагедијата од 26 јули 1963 година, истакнувајќи дека овој датум останува траен потсетник на силата, солидарноста и заедништвото на скопјани.
Во својата објава, Филипче потсети дека пред 63 години, во само дваесет секунди, земјотресот однесе многу човечки животи, остави илјадници семејства без домови и го претвори градот во урнатини. Сепак, благодарение на пожртвуваноста на граѓаните и помошта од целиот свет, Скопје повторно се издигна и стана симбол на солидарност и надеж.
„За жал, денес Скопје и целата држава се разоруваат, но не од природна непогода, туку од системска непогода, од погрешни политики, негрижа и отсуство на визија“, порача Филипче.
Тој оцени дека градот, кој некогаш бил пример за солидарност и напредок, денес е претворен во симбол на запоставеност, урбан хаос и изгубени можности. Според него, централната и локалната власт предводени од ВМРО покажуваат солидарност единствено кога станува збор за партиски и криминални интереси, додека граѓаните се соочуваат со институционален хаос, сиромаштија и безнадежност.
Филипче нагласи дека 26 јули ќе остане врежан во колективната меморија на Скопје како потсетник дека најголемата сила на градот се неговите граѓани. Тој повика Скопје да се чува и развива со љубов, визија и одговорност, наместо, како што наведе, да продолжи да се разорува поради неспособност, негрижа и корупција.
ФИЛИПЧЕ: ОД ПРИМЕР НА СОЛИДАРОНСТ И НАПРЕДОК, ДЕНЕС СКОПЈЕ Е СИМБОЛ НА ЗАПОСТАВЕНОСТ, ХАОС И ИЗГУБЕНИ МОЖНОСТИ!
2 Mins Read

