Од вчера низ Неготино се залепени голем број на флаери низ целиот град, со апел за пронаоѓање на Димитар Костадинов (82) кој е исчезнат од пред шест дена, односно од неделата, од околу 15.00 часот.
Семејството замолува за помош од јавноста, а за Викимедиа појаснуваат дека и покрај опсежната потрага спроведена од надлежните институции, нема траг од Димитар.
-По дедо ми се трагаше со дронови, беа донесени и кучиња-трагачи, цели стручни екипи се вклучени во потрагата. Загрижувачки е тоа што нема никаков траг. Ви доставуваме една фотографија од него, бил снимен на надзорна камера од објект во градот истиот ден кога е исчезнат, но тоа е од времето кога се враќа дома на ручек. Откако ручал, облечен во истата облека како што се гледа на фотографијата, тој пак излегува од дома, и веќе не се враќа назад.
Замолуваме за помош, доколку некој има било каква информација, да пријави во полиција, вели неговата внука.
Исто така, таа открива дека Димитар бил забележан од негов сограѓанин како се движи во правец на спортската сала во Неготино дента кога исчезнал. Тоа било последното сведоштво за неговото движење.
Станува збор за витален човек, кој имал почетни знаци на деменција, но сепак добро функционирал и имал секојдневна рутина, како и добра комуникација со семејството. Неговите блиски појаснуваат дека и покрај одредените знаци на деменција, тој разговарал и комуницирал најнормално.
Случајот е пријавен во полиција од каде соопштија дека се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Вики Клинчарова

