Граѓанската иницијатива „Суппорт Кочани“ од страна на Одборот за доделување награди на Општина Кочани, доби награда за значајни остварувања за развојот на општината.
Од иницијативата објавија дека на свечена седница по повод 7-ми Септември – ден на ослободувањето на Кочани, имале огромна чест да ја добијат наградата за значајни остварувања за развојот на Општина Кочани.
-Оваа награда ни дава дополнителна мотивација да останеме посветени на нашите цели, и да му помагаме на нашето Кочани, истакнаа од „Суппорт Кочани“.
Инаку, „Суппорт Кочани“ е интернет кампања која обединува повеќе организации, физички и правни лица кои имаат извршено донација на трансакциските сметки на повредените и роднини на загинатите од несреќата во Дискотеката „Пулс“ во Кочани која се случи на ден 16.03.2025 година или на било каков друг начин со свој личен придонес помагаат во реализација на давање помош.
Како што објавија од таму, во последниот извештај од 19-ти август, до тој датум вкупниот прилив на наменската сметка изнесувал 4.594.345 денари, средства кои беа искористени за помош на настраданите во пожарот и нивните семејства.
В.К.

