Актерот, стендап комичар и режисер Мирослав Петковиќ, познат во јавноста како Чика Брко, е кандидат за градоначалник на Општина Куманово од редовите на Левица.
Кумановецот е препознатлив по црниот хумор и по неговите настапи на кои раскажува за апсурдни животни ситуации.

Вчера од Левица ја претставија новата група кандидати за градоначалници, помеѓу кои беше и Петковиќ, инаку актер и магистер по сценско-изведувачки уметности.
Од партијата истакнаа дека станува збор за луѓе со интегритет и силна врска со своите заедници, кои ќе се залагаат за чесна, транспарентна и праведна локална самоуправа.
Покрај актерот Петковиќ, како кандидати за градоначалници на Левица беа претставени и:
Гевгелија – Тони Аврамов, професор по македонски јазик; Македонски Брод – Марјан Ѓурчески, магистер по фармација; Крушево – Зоран Јаневски, дипломиран сообраќаен инженер; Кочани – Жаклина Филипова Свеќаровска, професор по македонски јазик и литература, член на Советот на Општина Кочани; Илинден – Марјан Маринковски, пензионер и поранешен командир и лидер на тим во МВР; Пехчево – Невенка Тренчевска, инженер за животна средина; Берово – Мирче Кировски, доктор по ветеринарна медицина; Ранковце – Иван Нешевски, дипломиран едукатор по семејни студии и Старо Нагоричане – Андреј Димитријевски, ветеринарен техничар и сопственик на сточарска фарма.
В.К.

