Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Здружението за промоција на природните науки „Откритие“ потпишаа Меморандум за соработка со кој започнува нова фаза во промоцијата и заштитата на македонскиот рубин и геолошкото наследство на државата.
Меморандумот го потпишаа министерката Сања Божиновска и претседателот на здружението Илија Петковски, со цел да се обединат институционалните, научните и стручните капацитети за валоризација, заштита и промоција на минералното богатство и палеонтолошкото наследство на Македонија.
Од Министерството посочуваат дека ова е продолжение на активностите започнати со воспоставувањето институционална заштита на македонскиот рубин како автентично минерално богатство на земјата. Следниот чекор, како што наведуваат, е негова поширока презентација пред домашната и меѓународната јавност.
„Македонија поседува исклучително богато геолошко наследство кое со децении било недоволно промовирано. Нашата цел е да ја развиваме научната свест, да го поттикнеме интересот кај младите за природните науки, да го развиваме геотуризмот и да покажеме дека природните богатства се дел од нашиот национален идентитет и развоен потенцијал“, изјави министерката Божиновска.
Со меморандумот е предвидено организирање изложби, научно-популарни настани, јавни предавања, работилници и едукативни програми, како и воспоставување соработка со домашни и странски музеи, универзитети и научни институции.
На настанот присуствуваше и Деан Шкартов, долгогодишен познавач и промотор на македонскиот рубин, чија минералошка колекција, според Министерството, претставува значаен придонес во афирмацијата на македонското геолошко наследство во земјата и во странство.
Како дел од договорените активности, во просториите на Министерството ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството. Центарот ќе функционира како постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати, со цел поголема јавна афирмација на природното богатство на Македонија и развој на геотуризмот.
Од Министерството оценуваат дека иницијативата претставува уште еден чекор кон зачувување, научна валоризација и меѓународна промоција на македонското геолошко наследство, нагласувајќи дека природните ресурси се не само економски потенцијал, туку и национално богатство што треба да се заштити и да се пренесе на идните генерации.

