-Растев со баба ми во Куманово и детството не ми беше лесно, бидејќи бев воен сирак. Кога наполнив 15 години се преселив кај роднини во Белград, но засекогаш го понесов со себе мирисот на топол леб, на пиперки и домати, на питите кои баба ми ги печеше… Животот ми беше како песна, малку тажна, малку весела, се до кобниот 17 јули 2013 година. Од тогаш мојот живот е само време за плачење, бидејќи го изгубив синот единец Бранислав, раскажуваше во постари интервјуа музичката дива Благуна Бети Ѓорѓевиќ (1944 – 2026).

Таа почина на 82-годишна возраст во јануари, а важеше за џез дива во регионот. Остави многу евергрини и доби бројни признанија, но ретко зборуваше за приватниот живот.
-Се омажив млада, и заедно со сопругот Слободан Ѓорѓевиќ имавме многу заеднички настапи, посебно во белградскиот хотел Југославија. Бракот заврши по 15 години, но животот продолжи и за двајцата. Мојот живот заврши тогаш, кога син ми почина од инфаркт во својата 47 година. Тажна приказна е тоа, тага, јад и беда… Во срцето ми останаа најтажните мелодии. Еден месец по неговата смрт заминав на настап во Земун, затоа што истиот беше договорен многу одамна. Собрав сили и застанав на бината, па ја отпеав ,,Crying Time” (Време за плачење). Ете, тоа е мојот живот, во кој единствена утеха ми се внуката Кристина, внукот Владан и прекрасната снаа Снежана, раскажа Ѓорѓевиќ во интервју за српски Блиц пред повеќе години.
Делото на уметницата со македонско потекло ќе се слави во Културно-информативниот центар на Македонија во Белград наскоро, како дел од проектот Портрети. Проектот има за цел да ги афирмира творештвото и животниот пат на македонските уметници кои живееле, работеле и создале трајни вредности во Белград и Србија и веќе му се оддаде почит на Зафир Хаџиманов и на Нина Спирова. Покрај Портретот во чест на Бети, најавен е и Портрет во чест на Маја Оџаклиевска.

