Балканската музичка ѕвезда Лепа Брена ќе настапи во Крива Паланка, каде на 29 август 2026 година ќе биде одржан голем музички спектакл на Градскиот стадион.
Настанот, кој го најавува Општина Крива Паланка, се очекува да привлече голем број посетители од земјата и регионот, нудејќи незаборавна вечер исполнета со најголемите хитови на една од најпопуларните музички ѕвезди на Балканот.
Крива Паланка во изминатите години се етаблира како град познат по големите музички настани и настапите на регионални и балкански музички имиња. Традиционално, во рамки на општинските манифестации, градот е домаќин на звучни музички имиња кои привлекуваат илјадници посетители и создаваат атмосфера по која Крива Паланка е препознатлива.
Со доаѓањето на Лепа Брена, Крива Паланка продолжува со практиката да организира големи концерти кои привлекуваат гости од цела земја.
„Ве очекуваме заедно да бидеме дел од музичкиот спектакл на годината“, порачаа од Општина Крива Паланка, упатувајќи покана до сите љубители на музиката да бидат дел од големата концертна вечер.
Previous ArticleГРЧКИТЕ ЦАРИНИЦИ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ ВО ПОНЕДЕЛНИК

