-Која е разликата помеѓу нас, Ромите, кои баравме да возиме без возачки дозволи, бидејќи сме неписмени и ниту знаеме, ниту пак имаме финансии да полагаме, и помеѓу трактористите кои сега се бунат, оти сакале да продолжат да возат неисправни трактори без задна светлосна сигнализација, прашуваат Роми од Тиквешијата.
За ВИКИМЕДИА, нашиот соговорник кој е Ром, вели дека лично тој имал возчака дозвола и редовно го регистрирал возилото, но му паднало тешко што Ромите кои се побунија, наишле на голема јавна осуда и потсмев, додека сега, кога трактористи реагирале на социјални мрежи да за возат спротивно на закон, изостанала масовната јавна осуда.
-Нели е тоа едно исто, и едните и другите сакаат да не ги фати закон? Едни без возачка, други без светла, каде го има тоа? Нас, како Роми, не погоди тоа што ова со трактористите не доби големо јавно и медиумско внимание, како што беше случајот со Ромите, кога нивната побуна беше топ вест во цела земја.
Кога веќе се одземаат возила, нека им се одземаат на сите кои кршат закони и загрозуваат животи, ама и јавната осуда да биде иста за сите кои свесно грешат, порача нашиот соговорник, во име на поголема група на Роми.
Инаку, веста дека со новите измени во Кривичниот законик ќе се одземаат и тракторите кои технички неисправни и нерегистрирани се затекнати во сообраќај, предизвика бурни реакции помеѓу голем број на трактористи, кои со години наназад ги управуваат своите земјоделски возила без задна сигнализација.
И покрај тоа што секоја година, во ек на земјоделска сезона се случуваат голем број на сообраќајки, предизвикани токму поради неосветлените трактори, посебно во земјоделските краеви, а дел од сообраќајките завршуваат и со смртни последици, сепак се продолжуваше со оваа противзаконска пракса.
По повод проблемот, пред две години кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев со поддршка од бизнис секторот обезбеди околу 100 ротациони светла кои им беа поделени на трактористи од општината, со цел да се подигне свеста и да се превенираат несреќи, но и покрај тоа, прописно осветлените трактори се реткост на патиштата.
В.К.
НЕМА РАЗЛИКА ПОМЕЃУ ОНИЕ КОИ САКААТ ДА ВОЗАТ БЕЗ ВОЗАЧКА И ОНИЕ КОИ САКААТ ДА УПРАВУВААТ ТРАКТОР БЕЗ СВЕТЛА, ВЕЛАТ РОМИ ОД ТИКВЕШИЈАТА
2 Mins Read

