Во пресрет на одбележувањето на годишнината од трагичниот настан од 16 март 2025 година, Општина Кочани заедно со Организацискиот одбор составен од Здружението на граѓани „16 Март“, ОО на Црвен крст – Кочани, Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“, ЈЗУ ОБ Кочани, советници и НУЦК „Бели мугри“, подготвивме заедничка и достоинствена програма со која ќе им оддадеме почит на загинатите, ќе ја изразиме поддршката кон повредените и ќе искажеме искрена благодарност кон сите што несебично помогнаа во деновите на најголемата болка, информира градоначалникот Владко Грозданов.
Како што соопшти, програмските активности биле распоредени во три дена – 14, 15 и 16 март.
-На 14 март ќе се одржат православни содржини посветени на упокоените во несреќата – молитвено сеќавање и духовно единство во нивна чест.
Настанот на 15 март го насловивме „Кочани Ви благодари“. Овој ден ќе биде посветен на повредените и на благодарноста кон сите институции, здравствени установи, здруженија, поединци и сите, сите оние што помогнаа младите да преживеат и да закрепнат. Од наша страна се упатени официјални покани до здравствените установи што ни беа огромна поддршка по несреќата, но сакам јавно да им се обратам и на повредените деца кои и денес имаат контакт со болниците во кои беа лекувани – ве охрабрувам самите да ги поканат своите доктори и медицинските крепители. Општина Кочани е овде и ќе ги удостои со топол и срдечен прием, ќе им обезбеди сместување и сите потребни почести.
Планираме поканетите делегации од институциите и здруженијата што дадоа свој придонес да ги одликуваме со статуетки на благодарност, по што настанот ќе продолжи со пригодна културно-уметничка програма – како израз на живот, надеж и заедништво, појаснува градоначалникот.
Додава дека содржините на 16 март ќе бидат посветени на достоинствено оддавање почит на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“.
-Младите што трагично ги загубивме, заслужуваат почитта кон нив да ја искажеме мирно, достоинствено и сплотено – како што доликува на заедница што памети и што се грижи.
Деталите од програмата дополнително и поединечно ќе ги соопштуваме.
Им благодарам на сите со кои најдовме заеднички јазик за подготовка на оваа програма. Верувам дека во најголем ред, сплотеност и заемна почит ќе ја реализираме.
Нека овие денови не бидат само сеќавање на болката, туку и нов лист во нашето заедничко делување – да станеме општина на сплотеност, истрајност и мир, порача Грозданов.
Деск
СО ТРИДНЕВНА ПРОГРАМА ЌЕ ИМ СЕ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА ЖРТВИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ НА ГОДИШНИНАТА ОД ТРАГЕДИЈАТА
2 Mins Read

