-Парите кои ги заштедивте за авионски карти за враќање во земјава, да ги донирате за лекување на болни деца – гласи пораката која деновиве масовно се споделува на социјалните мрежи, откако државата целосно ги покри трошоците за евакуација на наши граѓани од ОАЕ.
Додека дел од јавноста ја поздрави државата која одвои околу еден милион евра за евакуација на нашите граѓани кои се наоѓаат во земјите погодени од конфликтот на Блискиот Исток, дел од граѓаните реагираат дека лицата евакуирани на државен трошок, по враќањето во земјава, најмалку што можат да направат е да донираат средства во висина на авионска карта на сметките за донации за болни деца, кои се актуелни периодов.
Инаку, како што информира Министерството за надворешни работи, вчера на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна втората група македонски граѓани кои безбедно полетаа од Дубаи и ја напуштија територијата на Обединетите Арапски Емирати.
Станува збор за вкупно 150 патници, од кои 125 македонски државјани, 7 државјани на Србија, 11 државјјани на Косово, 2 државјани на Босна и Херцеговина, 2 државјани на Албанија, 1 државјанин на Германија, 1 државјанин на Ерменија и 1 државјанин на Црна Гора.
-Врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции, летот беше организиран од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а трошоците за неговата реализација беа целосно покриени од државата, известија од министерството.
Деск

