Синоќа во доцните часови одекна и молскавично се прошири веста дека во Еквадор починал актерот Кирил Поп Христов – Кили, на 58-годишна возраст.
Тој живееше во Еквадор последните 12 години, заедно со сопругата Гордана Деан Поп Христова, а таму живее и нивната ќерка Јоана со семејството.
-Ни отиде Кили… Имаше инфаркт, навечер во сон, вели Гордана за ВИКИМЕДИА.
Околу тоа каде ќе биде погребан нејзиниот сопруг, таа ни изјави дека Кили ќе почива во Мангларалто, покрај океанот.
Поп Христов, широко познат во јавноста само како Кили, беше лик кој секогаш го привлекуваше вниманието на јавноста. До пред преселбата во Еквадор работеше во Македонскиот народен театар и глумеше во филмовите „Бал-кан-кан“, „Тетовирање“ и „Панкот не е мртов“, како и во повеќе претстави.

Со Гордана, која е кореографка и професорка по современ танц, и која го формираше балетското студио Ребис, кое стана темел на танцовата сцена, имаа љубов која многумина ја нарекуваа филмска.
Во времето кога се запознале во нејзиниот роден град Нови Сад, таа веќе била во брак од кој ја има ќерката Нина Деан, која денес е позната актерка. Веднаш им се родила голема љубов со Кили, по што таа се пресели во Македонија и ја добија ќерката Јоана.
Откако во 2014 година заминаа во Еквадор, Гордана и Јоана се немаат вратено во Македонија, додека Кили неколкупати доаѓаше и пак заминуваше во Еквадор.
Во јавноста ќе остане запаметен како вечно момче со нескротлив дух, но и како вечен бунтовник со голем актерски талент.
Вики Клинчарова

