Во рок од еден до еден и пол месец се очекува целосно да биде усвоен законот за заштита од пушење, извести денес министерот за здравство Азир Алиу.
Кога станува збор за барањата на угостителите, тој појасни дека според Светската здравствена организација има дефинирани услови за тоа каде треба да има чист воздух и била направена научна анализа како може и кои се максималните и минималните услови за да може просторот да се третира како простор за пушење или простор каде што не се дозволува пушење.
Бидејќи поради градбата на повеќето угостителски објекти, не можат да се обезбедат три отворени страни, како што првично се бараше, сега се дошло до заклучок дека со две отворени страни на терасите може да се дозволи пушење, бидејќи просторот се проветрува доволно и со две отворени страни, што е олеснување за угостителите.
Ако објектот има подвижен кров кој се отвора, и тоа ќе се третирало како отворена површина која овозможува брзо чистење на воздухот.
За да се заштитат граѓаните кои не пушат, како што истакна министерот, угостителите ќе треба да направат влез кој ќе биде физички одвоен од просторот каде се пуши, за непушачите да не бидат изложени на чад додека влегуваат, односно излегуваат од локалот.
Целта на законот е да се намали бројот на пушачи на 20 проценти, кажа Алиу.
Деск

