Министерството за здравство соопшти дека е воспоставена привремена организација за непречено спроведување на мамографските прегледи за пациентките од источниот регион, поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничка болница Штип.
Според информациите, прегледите ќе се реализираат во Општа болница Кочани, додека снимањата ќе ги интерпретира стручен тим од Штип, со што се обезбедува континуитет во дијагностиката. Пациентките кај кои ќе има потреба од дополнителен ехо-преглед ќе бидат упатувани назад во Штип.
Директорот на Клиничката болница Штип, д-р Владко Захариев, изјави дека се прават напори за набавка на нов мамограф, имајќи предвид дека постојниот апарат не може да се поправи. Тој посочи дека со ваквата организација се очекува околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед.
Од Општата болница Кочани информираат дека ќе биде воведена и втора смена со цел да се одговори на зголемениот број пациентки. Директорката д-р Катерина Мирчовска нагласи дека се отворени дополнителни термини за да се обезбеди поголем опфат на жените од целиот источен регион.
Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека институциите координирано реагирале за да се надмине проблемот и да се обезбеди навремена здравствена услуга. Според него, ваквиот пристап претставува пример за функционирање на системот во услови на предизвици.
Од Министерството додаваат дека остануваат посветени на обезбедување достапна и квалитетна здравствена заштита за сите граѓани, додека паралелно се работи на трајно решение за проблемот со мамографот во Штип.
Деск
МАМОГРАФОТ ВО ШТИП НЕ МОЖЕЛ ДА СЕ ПОПРАВИ, ПАЦИЕНТКИТЕ ЌЕ ОДАТ НА ПРЕГЛЕДИ ВО КОЧАНИ, ДОДЕКА ДА СЕ НАБАВИ НОВ
2 Mins Read

