Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави почеток на одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години од постоењето на Зоолошка градина Скопје, истакнувајќи дека овој значаен датум претставува и чест, но и одговорност за институцијата.
Според него, изминатиот век е исполнет со спомени, детска радост и вредности што ја обликувале зоолошката градина како едно од препознатливите места во градот. Воедно, тој нагласи дека јубилејот е можност да се постават нови стандарди и да се обезбедат подобри услови за животните, како и посигурна иднина за установата.
Ѓорѓиевски информираше дека со поддршка од меѓународни експерти, меѓу кои и Марјо Худемакер, се преземаат конкретни чекори за повторно членство во Европска асоцијација на зоолошки градини и аквариуми. Целта, како што посочи, е усогласување со европските стандарди во однос на грижата за животните, едукативните програми и градењето доверба кај јавноста.
Тој најави и нов инвестициски циклус кој ќе опфати модернизација на инфраструктурата и воведување нови содржини, со цел зоолошката градина да прерасне во современ едукативен и рекреативен центар.
Во рамки на активностите, градоначалникот најави и започнување кампањи за поддршка, преку кои граѓаните ќе имаат можност директно да придонесат за грижата за животните, вклучително и преку симболично „посвојување“ на одредени видови.
„Да застанеме заедно зад оваа визија и достоинствено да го одбележиме јубилејот“, порача Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека развојот на зоолошката градина ќе биде воден од принципите на одговорност, грижа и одржливост.
Деск
ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ЗОО СКОПЈЕ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ ОД 100 ГОДИНИ
2 Mins Read

