Министерството за внатрешни работи информира дека граѓаните кои ги платиле сообраќајните казни изречени преку системот „Безбеден град“ повеќе немаат обврска да ги носат потврдите за извршената уплата во полициска станица.
Од МВР појаснуваат дека нивниот систем е целосно поврзан со системот на Министерството за финансии, што овозможува автоматска евиденција на сите извршени плаќања, без потреба од дополнителна административна постапка од страна на граѓаните.
Сепак, надлежните апелираат при уплатата да се внимава на точноста на податоците, особено при внесување на единствениот број од записникот во полињата „повикување на број“ и „цел на дознака“, согласно правната поука наведена во записникот.
„Со оваа мерка се олеснува постапката за граѓаните, се штеди време и се избегнуваат непотребни гужви во полициските станици“, наведуваат од МВР.
Надлежните додаваат дека доколку податоците се внесени правилно, системот автоматски ќе ја поврзе уплатата со конкретната санкција, со што се елиминира потребата од физичко доставување на доказ за уплата.
Деск

