Премиерот Христијан Мицкоски во обраќање во Виена порача дека Европа се наоѓа во клучен историски момент во кој, како што рече, мора да одлучи дали ќе биде континент што само реагира на кризите или континент што активно го обликува светот и глобалните правила.
„Живееме во време на преиспитување, кога сигурноста не се подразбира, а енергијата и економијата стануваат прашања на опстанок“, истакна Мицкоски, додавајќи дека во вакви услови зборовите имаат помала тежина од конкретните одлуки и нивната примена.
Тој нагласи дека економската политика, трговијата и инвестициите не се само технички теми, туку суштински прашања за тоа каква Европа ќе се гради во иднина.
Според него, целта треба да биде создавање економија што произведува вредност, а не само троши ресурси, како и држава што обезбедува сигурност и доверба за граѓаните и бизнисот.
Мицкоски посочи дека Владата ја гледаат инвестициите како клучен двигател на економските промени, кои треба да донесат нова индустрија, знаење и повисоки стандарди.
„Не бараме само странски инвеститори, туку вистински партнерства и заедничка визија за иднината“, рече премиерот, нагласувајќи дека Австрија е еден од најважните и најсигурни партнери на земјата.
Тој додаде дека постои потреба од унапредување на соработката, особено во областите на производство, енергетика, дигитална трансформација и инфраструктура.
Енергетската транзиција, како што истакна Мицкоски, претставува голем предизвик, но и можност за создавање посилна и поотпорна економија.
„Таа е тест на капацитет, визија и лидерство, но за нас претставува шанса да изградиме економија подготвена за иднината“, порача тој.
Во завршницата од обраќањето, премиерот нагласи дека Европа не може да биде силна доколку нејзините делови останат слаби и дека стабилноста на континентот зависи од заедничкиот раст на сите економии.
„Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби. Европа не смее да биде само идеја, туку мора да биде резултат“, истакна Мицкоски.
Деск
МИЦКОСКИ: ЕВРОПА НЕМА ДА БИДЕ СТАБИЛНА АКО НЕЈЗИНИТЕ ПЕРИФЕРИИ ОСТАНАТ НЕСИГУРНИ
2 Mins Read

