Здружението за заштита на животните Анима Мунди обвинува дека системот за пријавување и обештетување за каснувања од бездомни кучиња е сериозно компритиран и подложен на злоупотреби, при што, како што велат, се оштетуваат граѓаните, буџетот и самите животни.
Во јавно соопштение, организацијата наведува дека со години предупредува на можни неправилности, а најновите дојави, според нив, укажуваат на постоење на „добро разработена шема“ во која се пријавуваат и настани што никогаш не се случиле. Тие тврдат дека постојат индиции оти повреди настанати од падови се прикажуваат како каснувања од кучиња, со цел да се добие парично обештетување.
Особено загрижувачко, според здружението, е тоа што веднаш по пријавување на наводни случаи, оштетените лица добиваат повици од адвокати кои нудат правно застапување. Ова, како што посочуваат, отвора сомнежи за можно незаконско споделување на лични податоци од институции.
Од Анима Мунди велат дека последиците од ваквите практики се сериозни: се трошат јавни средства, се создава недоверба кон вистинските жртви, се поттикнува негативен однос кон животните, а невини кучиња можат да бидат изложени на страдање. Дополнително, тие укажуваат на случаи на повеќекратни обештетувања за исти лица или семејства, што, според нив, не укажува на изолирани инциденти, туку на воспоставени обрасци.
Здружението ги повика надлежните институции, вклучително Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, итно да постапат и да спроведат темелна истрага. Во спротивно, предупредуваат, институционалниот молк може да се протолкува како соучесништво во систем кој овозможува злоупотреби и незаконско трошење на јавни средства.
Од организацијата бараат одговорност и системски мерки за спречување на, како што наведуваат, оваа појава.
В.К.
КОЈ ПРОФИТИРА ОД ПРИЈАВИ ЗА КАСНУВАЊА ОД КУЧИЊА: АНИМА МУНДИ ПРЕДУПРЕДУВА НА МОЖНИ ОРГАНИЗИРАНИ ИЗМАМИ!
2 Mins Read

