Министерката за образование и наука Весна Јаневска потврди дека останува предлогот за воведување парична казна од 250 евра за родителите на ученици кои вршат насилство во училиштата, како дел од измените на законската регулатива во образованието.
Според Јаневска, мерката ќе се применува во случаи кога ученик ќе изврши насилство, но и кога родителите одбиваат соработка со училиштето, стручните служби и институциите. Целта, како што посочи, е да се зголеми одговорноста на семејствата и да се спречат идни инциденти меѓу учениците.
„Сакаме да испратиме јасна порака дека насилството нема да се толерира, а родителите имаат клучна улога во воспитувањето и однесувањето на децата“, истакна министерката.
Таа информираше дека измените на Законот за основно образование се во тек и веќе се наоѓаат во собраниска процедура, при што се очекува нивно донесување во наредниот период.
Прашањето за засилување на мерките против врсничкото насилство повторно се актуализира по неколку инциденти во училиштата низ земјава, меѓу кои и случајот во основното училиште ООУ „25 Мај“ во скопската населба Ченто, каде ученик беше повреден со остар предмет.
Од Министерството потенцираат дека новите мерки се дел од поширок пакет за подобрување на безбедноста во училиштата, кој вклучува и засилена соработка со родителите, училиштата и надлежните институции, со цел создавање побезбедна и посигурна средина за учениците.
Деск
Previous ArticleГРАЃАНИТЕ ПРИЈАВУВААТ, УЈП КАЗНУВА: СЕКОЈ ТРЕТ НЕ ИЗДАВА СМЕТКА

