По секое убиство, одел во црква по прошка и во 2009 година, уби четири постари жени во Скопје, во периодот од март до октомври истата година.

Прва беше убиена 83-годишната Љубица Христовска во својот дом во Бутел, втора жртва беше 71-годишната Босилка Красојевиќ, третата жртва, убиена истиот ден како и Красојевиќ, е 76-годишната Вера Богоевска, а последната жртва е 69-годишната Елена Милева, убиена во својот дом во Бутел. Во меѓувреме, имал и три неуспешни обиди за убиство врз 79-годишната Марија Атанасовска, врз 73-годишната Смиља Петровска и врз 42-годишната Сание Сулејмани, кои успеале да се спасат.
Откако ладнокрвно ги убивал своите жртви – беспомошни жени, барал прошка од Бога, посетувајќи ја црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.
Виктор Карамарков – очаен наркоман кој на своите убиства им давал идеолошка мисла, криејќи се зад ликот на Расколников, денес издржува доживотна затворска казна во затворот Идризово. Убиствата ги извршил кога имал 28 години, а на жртвите им ѕвонел на вратите и им барал пари, тврдејќи дека собира средства за лекување на неговата болна мајка. Откако ќе влезел во нивните домови, тој вадел секира што ја чувал замотана во весник и лента, по што ги убивал жртвите.
Гледајќи ги во очи со десната рака ги удирал во десната страна на главата. Откако жените во безсознание ќе паднеле пред неговите нозе, ги кинел златните синџирчиња од нивите вратови и ги земал златните белегзии и прстени. Пред да го напушти местото на злосторството, со клуч ја заклучувал влезната врата од домовите на жртвите.
Случајно беше уапсен поради кражба, но при претресот на неговиот дом, полицијата ја пронашла секирата со која Виктор ладнокрвно ги убивал своите жртви.

За да го расветли случајот, полицијата објави негова фотографија во медиумите, по што голем број жени пријавија дека тој им доаѓал на врата. Беше опишан како високо интелигентен човек, кој бил многу заинтересиран во различна руска литература, посебно за романот „Злосторство и казна“ на Фјодор Достоевски, идентификувајќи се со главниот лик на романот, сиромашниот поранешен студент Родион Расколников.
Денес, тој веќе 17 години се наоѓа во затвор, но и покрај тоа, тој или лице кое се претставува како него, има активен профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Деск

