Во декември 2024 година јавноста ја израдува веста дека ќе се снима игран филм, документарец и ТВ серија за животот на легенадрниот пејач Тоше Проески. Веста тогаш прв ја објави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој извести дека семејството на Тоше веќе дало согласност за проектот, а како што истакна, снимањето ќе се одвивалао во следните две години. Но, и по година и пол, нема информација за јавност околу тоа дали воопшто започна реализацијата на проектот вреден 1.5 милиони евра чие снимање, според најавите, требаше да заврши годинава во декември.

-Во следните две години, ќе снимиме игран филм, документарец и ТВ-серија во неколку продолженија, кои ќе ги прослават неговите живот, дело и мисија. Тоше не беше само музичка икона за Македонија, туку и за целиот Балкан, и овој проект ќе има големо регионално значење.
Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, копродукциски ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот, а финансиските средства ќе бидат обезбедени од буџетот на Македонија преку Министерството за дигитализација. Согласноста од семејството на Тоше е потврдена, и ние сме подготвени да ја разоткриеме неговата приказна, објави Љутков.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски пак, тогаш откри дека по иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, ќе се одвојат 1,5 милиони евра за снимањето на филмот за Тоше Проески. Во гостување во утринската програма на МРТ, Андоновски кажа дека во координација со Министерството за култура и со Министерството за финансии, во експресно брза постапка се обезбедиле потребните средства. Идејата за проектот потекнала од МРТВ и копродукции од Македонија и Балканот, но иницијативата ја предводел Мицкоски.
Но, до денес, официјално нема никаква информација околу тоа до каде е проектот, и дали воопшто е започнато снимањето. Единствено во октомври минатата година, во врска со проектот јавно се огласи Пеце Талески од ОХО Продукција.
За ВИКИМЕДИА тогаш тој раскажа дека проектот на Македонската радио телевизија посветен на легендарниот Тоше Проески започнал со реализација.
-Сега сме во рана фаза на развој на проектот, истражување за потребите на сценариото, како и екипирање на тимот кој ќе работи, сценаристи и режисери.
Кон крајот на јануари ќе имаме подетални информации кои ќе бидат достапни за јавноста, ни изјави Талески.

Нови детали за проектот – и по година и пол нема.
Како потсетување, во време кога министрите го најавија проектот, истиот беше дочекан со одобрување од јавноста, а беа актуелни и предлози околу тоа кој би можел да го глуми ликот на Тоше. Славен Ристески, кој е сопруг на сестрата на Тоше, Дора, тогаш ни изјави дека семејството било запознато со проектот и ќе било консултирано во врска со сите одлуки и детали, со цел што поверодостојно да се пренесе животната приказна на Проески.
Тоше Проески беше, и до денес, по речиси 19 години од неговата смрт, остана сакан и почитуван од народот, а секоја вест за проекти поврзани со неговото име предизвикува голем интерес. Јавноста се надева дека проектот ќе биде реализиран, како еден вид на признание за делото и мисијата на Тоше.
В.К.

