Во Општина Илинден официјално беше отворен современиот дом за стари лица „Оаза by Adora“, инвестиција вредна околу осум милиони евра, кој носи нов пристап во грижата за повозрасните – со акцент на квалитетен и достоинствен живот.
Она што го издвојува овој комплекс од класичните домови е фактот што покрај здравствената и социјалната грижа, на корисниците им се нуди и дополнителен комфор и секојдневни погодности. Во рамки на домот функционира фризерски салон, како и кафе-бар, наменет за дружење, релаксација и социјализација на станарите и нивните блиски.
Концептот на „Оаза by Adora“ е насочен кон создавање чувство на дом, а не институција. Токму затоа, просторот е уреден со модерни содржини кои овозможуваат активен животен стил и одржување на социјалните навики, што е особено важно за психофизичката состојба на повозрасните лица.

Домот располага со капацитет за 150 корисници, а опремен е според современи европски стандарди, со вклучена медицинска нега, физикална терапија и специјализирани услуги за лица со различни потреби.
Од компанијата инвеститор посочуваат дека со овој проект се поставуваат нови стандарди во регионот, нудејќи не само згрижување, туку и квалитетен живот исполнет со удобност, грижа и достоинство.
В.К.

