Владата донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 15 јуни, со цел ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и економијата.
Истовремено, по разговорите со најголемиот домашен снабдувач на нафтени деривати, компанијата ОКТА, обезбеден е и дополнителен попуст од 2 денари по литар, кој ќе започне да се применува од денес, 1 јуни.
Според пресметките на надлежните, со овие мерки се очекува значително намалување на цените на горивата. Дизел горивото би требало да поевтини за 6,5 денари по литар, додека бензините ќе се намалат за околу 1,5 денар по литар.
Од Владата посочуваат дека ова претставува директна поддршка за граѓаните, транспортниот сектор, земјоделците и стопанството во целина. Намалувањето на цените, како што велат, ќе придонесе за намалување на трошоците за живот и работење, како и за одржување на ценовната стабилност во услови на глобални економски предизвици.
„Остануваме посветени на политики што носат реални придобивки за граѓаните и ќе продолжиме активно да преземаме мерки за заштита на животниот стандард и зајакнување на економската сигурност“, порачуваат од Владата.
Деск

