-Кога го прашував зетот зошто ја малтретира ќерка ми, тој одговараше дека жената е за тепање. Пеколно и беше со него, тоа не беше живот, но остануваше поради децата, сведочеше на судско рочиште Димче Караиманов минатата година во Основниот суд Куманово, за случајот во кој неговата ќерка Вангелица Илиевска (37) е обвинета за двојно убиство со умисла на сопругот и свекорот, во нивната куќа во Кратово.
Денес Основниот суд во Куманово ја осуди жената – жртва на долгогодишно семејно насилство на седум и пол години затвор, поради убиството кое се случи на 13 јуни 2024 година во 21.30 часот, во семејната куќа во Кратово, кога при трпење семејно насилство жената ги убила сопругот Јован и свекорот Стојан.
Критичната вечер Вангелица била во дневната соба кога дошол нејзиниот сопруг Јован и започнале вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Ја истуркал кон кујната и во моментот кога со рацете ја фатил за вратот, таа од кујнските елементи зела нож, со кој му нанела два убода во пределот на градите и стомакот. Тогаш во собата влегол нејзиниот свекор, па и него двапати го пробола во градите. Таа се товари дека извршила кривично дело двојно убиство со умисла.Пред судот таа кажа дека дејствувала во самоодбрана.
Жената десет години била жртва на семејно насилство, трпела психичко и физичко малтретирање од сите членови на семејството, а останала само поради децата. Повеќепати барала помош од полицијата и Центарот за социјални работи, но никој не ѝ помогнал.
Набргу откако се случи настанот, се огласија и од Платформата за родова еднаквост, и во својата реакција по повод случајот потенцирааа дека треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата В.И. и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани.
Додека траеше судењето, Вангелица беше во домашен притвор во Скопје, разделена од нејзините деца, кои останале во Кратово со роднини на сопругот.
Жената за чие малтретирање во текот на годините знаеле и Центарот за социјални работи и полицијата, од каде барала помош, останува во куќен притвор до правосилноста на пресудата.
Нема официјална информација дали нејзината одбрана ќе поднесе жалба за намалување на казната.
Деск

